ПОКЛОНИЧКО ПАТУВАЊЕ ПО ГОЛЕМИТЕ СВЕТИЊИ ВО ГРУЗИЈА
29.04.2023 – 04.05.2023
Грузија (грузиски: საქართველო), позната до 1995 како Република Грузија (საქართველოს რესპუბლიკა) — е држава во Источна Европа. На запад, Грузија излегува на Црното Море, на север граничи со Русија, на југ со Турција и на исток со Азербејџан. Грузија опфаќа територија од 69.700 квадратни километри, а нејзиното население во 2017 година изнесувало околу 3.718 милиони. Главен град на државата е Тбилиси, додека службен јазик е грузискиот јазик.
Историјата на Грузија започнува уште со старите кралства Колчис и Кавкаска Иберија и таа е една од првите држави кои го прифатиле христијанството во 4 век.
Според преданието, христијанството во античка Иберија го проповедале Светите апостоли Андреј Првоповикан и Симон Зилот.
Во IV век во Грузија веќе постоеле значајни христијански заедници на чело со епископи.
Големиот собор на светиите од Грузија, ја краси грузиската црква. Меѓу нив особено е почитувана просветитетелката на Грузија, Светата рамноапостолна Нина Грузиска (+335).
Во Сиони, патријаршиската катедрала во чест на Успение на Пресвета Богородица во Тбилиси, се наоѓа најголемата светиња на Грузија - Крстот на Св. Нина, направена од лозови гранки врзани со нејзината коса. Со овој Крст таа ја проповедала Христовата вера во Грузија. Православните Грузијци многу го почитуваат и Светиот великомаченикот Георгиј Победоносец (+303), роднина на Света Нина. Самата Грузија на европски јазици се нарекува Георгија.
Грузиската православна црква, добила статус на афтокефална во 4 век за време на владеењето на кралот Вахтанг Горгасали.
1 ден (петок 28.04.2023) Поаѓање од Македонија околу 23.00 часот за аеродром Солун во Грција.
2 ден (сабота 29.04.2023) Утрото се поаѓа со лет од Солун за Кутаиси-Грузија во 8.35часот. Пристигнување на аеродромот Кутаиси во 12.10 часот. Тука се посетуваат кутаиските цркви Свети великомаченици Давид и Константин, манастирите Гелати, Свети Баграти. Ручек и трансфер до Тбилиси. Ноќевање.
3 ден (недела 30.04.2023) Утрото поаѓање на северозапад од Тбилиси, кон Мцхета и присуство на Света Божествена Литургија во манастирот Самтавро, каде служел Свети Гаврил Ургебадзе. Потоа посета на други светињи. Мцхета е античкиот главен град на Грузија, лулката на христијанството во Грузија, и историското место на евангелско - просветната мисија на Света рамноапостолна Нина. Тука се наоѓа манастирот Јвари - бисерот на грузиската христијанска архитектура, подигнат во 6 век. Во центарот на градот Мцхета е храмот Светицховели, кој е патријаршиска катедрална црква на Грузиската православна црква. Таа е од XI век, и посветена на Св. Дванаесет апостоли, и тука се наоѓа големата светиња – Хитонот на Господ Исус Христос. Благодарение на ова, Мцхета се нарекува втор Ерусалим. Манастирот Св. Нина е изградена во 4 век од кралот Миријан. Во храмот се сместени многу светилишта: дел од животворниот крст Господов, чудотворната икона на Пресвета Богородица, чудотворната икона на Св.Нина, гробовите на светите кралеви Миријан и Нана, моштите на Свети Шио Мгвимски, гробот на Свети Гаврил, каде често потекува чудотворно миро. Во 2014 година Свети Гаврил Ургебадзе, бил прогласен за светител. Посета на манастирот Шио Мгвиме, кој се наоѓа на неколку километри, од Мцхета во тесна клисура на северниот брег на реката Кура. Според историската традиција, првата монашка заедница ја основал монахот Шио во 6 век, еден од 13-те асирски отци кои пристигнале во Грузија како мисионери на христијанството. Првата градба на манастирот е црквата Свети Јован Крстител од 6 век. Враќање во Тбилиси. Вечера. Ноќевање.
4 ден (понеделник 01.05.2023) Утрото поаѓање за Сагарехо, каде што се наоѓа катедралата Ниноцминда од 575 година, која е најраниот архитектонски споменик на христијанската архитектура. Моментално е жив манастир. Посета на манастирот Бодбе, чија изградба датира од 4-11 век. Тоа е црква изградена над гробот на Света Нина, рамноапостолна просветителка на Грузија, од првиот христијански крал на Грузија, Миријан. Според преданието на Црквата, на местото каде што се молела Света Нина, од земјата се појавил извор на света чудотворна лековита вода. Недалеку на југоисток се наоѓа манастирот Кирса, основан од асирскиот свет отец Стефан Хирсели во 6 век од нашата ера, кој е погребан во манастирот. Враќање во Тбилиси. Вечера. Ноќевање.
Ден 5 (вторник 02.05.2023) Утрото поаѓање југоисточно од Тбилиси, каде на оддалеченост од 60 км се наоѓа грандиозниот монашки комплекс на пештерски манастири - Давид Гареја, комплекс од неколку стотици келии врежани во карпите, кои се протегаат на речиси 25 км. Во комплексот има 7 манастири , а најстариот од нив го основал Давид Гареџиски, еден од 13-те асирски свети мисионери во првата половина на 6 век. Враќање во Тбилиси. Вечера. Ноќевање.
Ден 6 (среда 03.05.2023)
Утрото присуство на Света утринска Богослужба во катедралниот храм Пресвета Троица, во Тбилиси, каде има 13 престоли, а долната црква е во чест на Благовештение на Пресвета Богородица. Потоа посета на повеќе светињи во главниот град на Грузија -Тбилиси. Тој е основан во 5 век од нашата ера од Вахтанг Горгасали, кралот на Иберија. Посета на црквата Рождество на Пресвета Богородица, потоа на храмот Метехи (XII век), твдината Нарикала, на катедралата Цминда Самеба (2004), каде се чува крстот Св. Нина, исткаен од лоза испреплетена со косата на Света Нина. Црква Мама-Давити (на местото каде што во 6 век стоела ќелијата на Давид Гареџи, еден од тринаесетте сириски отци кои дошле во Грузија за да го шират христијанството). Црква Квашвети - посветена на Св.вмч. Ѓорѓи - во центарот на Тбилиси. Посета на Руската православна црква Св.Александар Невски. Вечера. Ноќевање.
7 ден ( четврток 04.05.2023)
После полноќ се поаѓа за Кутаиси - трансфер до аеродром и во 6.10 лет Кутаиси- Солун. Пристигнување во Солун во 8.00часот. Во зависност од желбата на поклониците, има можност за посета на црквата Св.вмч. Димитриј во Солун и потоа продолжуваме кон Македонија. Пристигнување во попладневните часови.
Цена на аранжманот: 680 евра
*Прва уплата 200 евра
ВО ЦЕНАТА НА AРАНЖМАНОТ Е ВКЛУЧЕНО:
- Организиран автобуски превоз Скопје – Солун – Скопје.
- Авионски превоз Солун-Кутаиси - Солун со (рачен багаж 55×40×23cm 8кг + 20кг. чекиран багаж)
- Превоз со удобен туристички автобус за сите денови во Грузија
- Пет ноќи во хотел***, на база полупансион
- Патничко осигурување
- Туристички водич, придружник и духовно лице за време на патувањето
- Организација и реализација на патувањето
- Агенцијата можи да направи промена на програмата според условите
ВО ЦЕНАТА НА АРАНЖМАНОТ НЕ Е ВКЛУЧЕНО:
- Пијалоци
- Лични трошоци
- Услуги што не се споменати во оваа програма - бакшиши
- Влезници надвор од програмата
При посета на црквите, манастирите и верските објекти, согласно христијанските и црковните канони (начин на облекување и однесување во нив), од верниците се очекува придржување до нив. Во манастирите жените влегуваат со долго здолниште и шамија или марама, а мажите со долги пантолони.
Света Нина рамноапостолна, просветителка на Грузија (27.01)
Света рамноапостолна Нина, просветителка на Грузија, се родила околу 280 година во градот Коластри, во Кападокија, каде што имало многу грузиски населби. Нејзиниот татко Завулон бил роднина со свети великомаченик Георгиј. Тој потекнувал од племенит род, од благочестиви родители, и ја имал наклонетоста на императорот Максимијан. Наоѓајќи се во воена служба кај императорот, Завулон како христијанин учествувал во ослободувањето на заробените Гали, кои примиле христијанство. Мајката на света Нина, Сузана, била сестра на Ерусалимскиот патријарх Јувеналиј.
Дванаесет години по раѓањето, света Нина дошла во Ерусалим заедно со родителите, на коишто им била единствена ќерка. На заеднички договор и со благослов на Патријархот Ерусалимски, Завулон го посветил својот живот на служење на Бог во Јорданската пустина, Сузана била поставена за ѓакониса при храмот на Гробот Господов, а воспитувањето на света Нина било доверено на благочестивата старица Нианфора. Света Нина била послушна и трудољубива и после две години, со помош на благодатта Божја, се зацврстила во исполнувањето на правилата на верата и со усрдност го читала Светото Писмо.
Еднаш кога со плач сострадувала со евангелистот, кој го опишува распнувањето на Христос Спасителот, мислата ѝ застанала на судбината на хитонот Господов (Јован 19, 23-24). На прашањето на света Нина, каде се наоѓа хитонот Господов, старицата Нианфора ѝ објаснила дека исткаениот хитон Господов, според преднието, го однел мцхетскиот равин Елеазар во Иверија (Грузија), којашто се сметала за удел на Мајката Божја. Самата Пречиста Дева за време на Својот земен живот била повикана со апостолска жрепка да ја просветува Грузија, но Ангелот Господов, Којшто Ѝ се јавил претскажал дека Грузија ќе стане Нејзин земен удел подоцна, при крајот на времето, и дека Промислата Божја ѝ приготвила апостолско служење на Света Гора (која исто така се нарекува удел на Мајката Божја).
Дознавајќи од старицата Нианфора, дека Грузија не е просветена со светлината на христијанството, света Нина дење и ноќе Ја молела Пресвета Богородица да ја удостои да ја види Грузија обратена кон Господ, и да ѝ помогне да го најде хитонот Господов.
Небесната Царица ги услишала молитвите на младата праведничка. Еднаш, кога света Нина се одмарала после долги молитви, Пресвета Богородица ѝ се јавила во сон и врачувајќи ѝ крст сплетен од винова лоза, ѝ рекла: „Земи го овој крст, тој ќе биде твој штит и заштита од сите видливи и невидливи непријатели. Оди во земјата Иверска, благовести го таму Евангелието на Господ Исус Христос и ќе најдеш благодат кај Него: Јас ќе бидам твоја Заштитничка“.
Откако се разбудила, света Нина во своите раце видела крст (кој сега се чува во посебен ковчег во Сионската соборна црква во Тбилиси), се возрадувала со духот и доаѓајќи кон својот дедо, Патријархот Ерусалимски, му раскажала за видението. Патријархот ја благословил младата девојка на подвиг на апостолско служење.
На патот за Грузија света Нина на чудесен начин избегнала маченичка смрт од ерменскиот цар Тиридат, на којашто биле подложени нејзините сопатнички – царевна Рипсимија, нејзината учителка Гајанија и 35 девици (нивниот спомен се празнува на 30 септември / 13 октомври), коишто бегале во Ерменија од Рим за време на гонењето на императорот Диоклецијан. Поткрепена од видението на ангел Господов, кој првпат ѝ се јавил со кадилница, а вториот пат со свиток во рака, света Нина го продолжила својот пат и пристигнала во Грузија во 319 година. Гласот за неа наскоро се распространил во околината на Мцхет, каде што таа се подвизувала, бидејќи нејзината проповед била пропратена со многу чудеса. На денот на преславното Преображение Господово, по молитвите на света Нина, за време на незнабожечкото жртвопринесување, што го совршувале жреци во присуство на царот Миријан и многубројниот народ, од високата планина испопаѓале идолите Армаз, Гаци и Гаим. Ова јавување било пропратено со силна бура.
Влегувајќи во Мцхет древната престолнина на Грузија, света Нина нашла прибежиште во семејството на бездетниот царски градинар чијашто жена, Анастасија, по молитвите на света Нина била разрешена од неплодност и поверувала во Христос.
Света Нина ја исцелила грузиската царица Нана од тешка болест, а таа откако примила Свето Крштение, од идолопоклоничка станала ревносна христијанка. Не гледајќи на чудесното исцелување на сопругата царот Миријан, слушајќи ги наговарањата на незнабошците, бил решен света Нина да ја подвргне на жестоки мачења. Во тоа време, додека смислувале мачења за светата праведничка, сонцето потемнело и густа магла го покрила местото каде што се наоѓал царот. Царот наеднаш ослепел, неговата свита ја опфатил ужас и сите почнале да им се молат на своите незнабожечки идоли да им ја вратат дневната светлина. „Но, Армаз, Заден, Гаим и Гаци биле глуви, а темнината се зголемила. Тогаш исплашени едногласно повикале кон Бог Којшто Го проповедала Нина. Наеднаш темнината ја снемало, а сонцето сите ги осветлило со своите зраци.“ Ова се случило на 6 мај 319 годин
Царот Миријан, исцелен од своето слепило од света Нина, го примил Светото Крштение заедно со својата свита. После неколку години, 324 година, христијанството се зацврстило во Грузија.
Летописите зборуваат дека на света Нина, по нејзините молитви ѝ било откриено каде се наоѓа хитонот Господов, и на тоа место бил подигнат прв христијански храм во Грузија (најпрво од дрво, а потоа од камен во чест на светите Дванаесет апостоли).
Со помош на византискиот император Константин, којшто на молба на царот Миријан во Грузија го пратил Антиохискиот епископ Евстатиј со двајца свештеници и тројца ѓакони христијанството се зацврстило во земјата. Сепак, горните области на Грузија останале непокрстени. Во придружба на презвитерот Јаков и еден од ѓаконите света Нина тргнала таму и го проповедала Евангелието на незнабошците. Многумина од нив поверувале во Христос и го примиле Светото Крштение. Од таму света Нина преминала во источна Грузија и се населила во Бодба, во малечок шатор на падините на планината. Таму водела подвижнички живот, пребивајќи постојано во молитва и молејќи Го Христос за месните жители. Меѓу нив била и царицата Кахетии Соджа (Софија), која се крстила заедно со своите дворјани и мноштво народ.
Извршувајќи го своето апостолско служење во Грузија света Нина била известена одозгора дека ѝ се наближува смртта. Во посланието кон царот Миријан, таа побарала да ѝ го прати Епископот Јован за тој да ја подготви за последното патување. Не само Епископот Јован, туку и самиот цар заедно со сето свештенство тргнале во Бодба каде што кај смртниот одар на света Нина биле сведоци за многу исцелувања. Поучувајќи го народот кој дошол да ѝ се поклони, света Нина на молба на своите ученички им раскажала за своето потекло и за животот. Ова раскажување го запишала Соломија Уджармска и врз основа на тоа е составено житие на света Нина.
Причестувајќи се со Светите Тајни света Нина побарала нејзиното тело да биде погребано во Бодба и мирно се упокоила во Господ во 335 година (според некои други извори во 347 година, во 67 година од нејзиниот живот, после 35-годишно апостолско служење).
Царот, свештенството и народот тагувајќи заради упокојувањето на света Нина сакале нејзините останки да ги пренесат во соборната црква во Мцхет, но не можеле сандакот со подвижничката да го помрднат од местото на нејзиното упокојување. На тоа место во 342 година царот Миријан основал, а неговиот син Бакур го завршил и го осветил храмот во име на роднината на света Нина - свети великомаченик Георгиј. Подоцна овде бил основан женски манастир посветен на света Нина. Нејзините мошти, по нејзина желба затворени, биле прославувани со многу исцеленија и чудеса.
Грузиската Православна црква во согласност на Антиохиската Патријаршија, ја прогласила просветителката на Грузија за рамноапостолна и прибројувајќи ја кон ликот на Светиите, востановила нејзиниот спомен да се празнува на 14 јануари / 27 јануари, на денот на нејзиното блажено упокојување.
Преподобен Гаврил Ургебадзе
На 22 февруари 2014 година, во женскиот манастир Самтавро (Мцхет, Грузија) беше извршено ексхумирање на моштите на преподобниот Старец, исповедник и чудотворец Гаврил (Ургебадзе).
Седумнаесет години по неговото упокојување, на 20 декември 2012 година Старец Гаврил е вброен во светителите на Грузиската Црква. Светител кој околу вратот носел табла на која пишувало: „Човек без љубов е како стомна без дно“. Желбата за монаштво кај него се јавила уште во раната младост. Монашкиот завет го дал на свои 26 години. Покажувајќи го својот револт кон безбожничкиот режим, запалил огромен портрет на Ленин. По ова бил затворен, а му се случувале и полоши работи: епископите не му давале да служи и немал можност да се причестува. Подоцна го прогласиле и за луд.
Ова смирено го прифатил и оттогаш станал јуродив. Со тоа се прикривал секогаш кога ќе направел добро дело, понекогаш преправајќи се дека е пијан. Спиел во јама, а некое време живеел и во кокошарник. Кога завршило времето на прогон на христијаните и кога во луѓето почнала да се раѓа желбата за духовното, многумина почнале да доаѓаат кај јеромонахот Гаврил за духовен совет. Тој станал Старец и духовник на многу луѓе, вклучувајќи ги и монахињите од еден женски манастир.
Манастирот во кој живеел е посветен на Господовото Преображение, каде воедно се наоѓаат и моштите на света рамноапостолна Нина. Првпат дошол во Самтаврискиот манастир на 12-годишна возраст. Монасите го примиле, но не му дозволиле да остане. На манастирските порти цела ноќ се молел на Мајката Божја да го прими во манастирот. По многу години неговата молитва била услишена. Погребан е на местото каде се молела света Нина.
Свети Гаврил (Ургебадзе), бил човек исполнет со љубов. Сиот свој живот, тајно од луѓето правел добро и чудеса, се трудел да ја сокрие својата мудрост и преку јуродивост се понижувал пред луѓето. Сепак, луѓето околу него го чувствувале изобилството на Божјата благодат и доаѓале кај него за молитва и совет. Јуродивиот старец непоколебливо стоел на врвот на љубовта, затоа грузискиот народ го нарекол свештена љубов и чудо на XX век.
Неколку мудри бисери од преподобниот Гавриил.
Благодари Му на Бога за тоа, што си се родил православен. Биди цврст во верата, не предавај се на искушенијата и не грижи се за тоа, дали ќе се спасат луѓе од други вероисповеданија. Тоа не е наша работа. Бог е милостив.
Вистинската вера се наоѓа во срцето, а не во разумот. По антихристот ќе тргнат оние, на кои верата ќе им биде во разумот, а кој ќе ја има верата во срцето, ќе ја препознае.
Треба да се изобличува, тоа воопшто не е осудување.
Секој грев – е непријателство со Бога. Свести се! Со Кого си непријател?!
Ако видиш убиец, или блудница, или пијаница како лежи на земја, не го осудувај, зашто Бог ги отпуштил неговите узди, а твоите ги држи затегнати. Ако и твоите ги отпушти, можеш да се најдеш во полоша состојба, па дури и да загинеш: за што ќе осудуваш, за тоа и ќе бидеш суден.
Поголем хероизам од монаштвото – не постои.
Пофалбата за монасите е погубна. Кој го фали монахот, тој му е непријател.
И монахот има потреба од сочувство и утеха.
Ако сакаш да бидеш монах, ти веќе си монах.
Да се приближите до монахот – е како да си играте со оган.
Мирјанинот, кој ги победил страстите заради Христос, се изедначува со монасите.
Монасите треба да живеат во простота. Простотата – е благодат Божја.
Господ понижува и возвисува. Кога почнувам да се сметам подобар од другите, ја ставам на глава својата дијадема и излегувам на улица бос. Луѓето ме гледаат и се смеат. И јас ја гледам својата ништожност.
Ако те наклеветиле, на доброто ти одговориле со зло, не држи зло во срцето. Прости и радувај се, што благодарение на тоа, за неколку скали си се приближил до Бога.
Човек треба да го благословува својот пат со добри одлуки. Каков пат ќе избереш, таков и ќе биде твојот животен пат. Бог му дарувал на човекот слободна волја… Какво право имам јас нешто да менувам?
Треба да ги љубиме сите, но ако за тоа немаме сила, барем на сите да им посакуваме добро.
Господ ќе побара од вас љубов кон Бога и ближните; кој ќе ја зачува љубовта, тој и ќе се спаси.
Љубовта го скротува дури и најсвирепиот лав.
Изобличувај го човекот со срце полно љубов.
Ако мразиш барем еден човек, во неговиот образ го мразиш Самиот Христос. И тогаш си далеку од Царството Небесно.
Кој го љуби доброто и справедливоста, тој Го љуби Бога, и Бог, како роден син ќе го возљуби.
Господ не одел по црвени теписи. Христос бил прост, носел само еден хитон, сплетен од рацете на Мајката Божја.
Во последните времиња, луѓето ќе ги спасат љубовта, смирението и добрината. Добрината ќе им ги отвори вратите на рајот, смирението ќе ги воведе во рајот, а оние кои ја зачувале љубовта, ќе го видат Бога.
Никој нека не мисли, дека љубовта е вроден дар. На љубов може да се научиме, и сите треба да се стремиме кон неа. Господ не сака слатки зборови, Бог сака дела. Доброто дело и è љубов. Кога правиш добро, се качуваш на една скала, а кога грешиш – се спушташ долу. Сиот наш живот претставува такви качувања и падови.
Духовникот го избираат по слободна желба, а избирајќи треба да му се потчинуваат. Но ако духовникот учи на ерес, треба да се бега од него, како од оган.
Ако пред иконите и крстовите, направени од ваши раце, се молат други, дел од благодатта слегува и на тебе.
Ако за време на молитвата, побараат од тебе помош, а ти речеш: „Да завршам, и ќе ти помогнам“, знај: дека твојата молитва не Му е угодна на Бога. За таквата молитва велат: ќе ти биде во грев.
Протоереј Давид Григлашвили: Чудо
Мојата ќерка Мариам, уште од раѓањето имаше проблеми со говорењето. Таа не можеше да зборува. Единственото нешто што можеше да го изговори, беше звукот „у“. На овој начин таа се обидуваше да ни каже што сака и што ја мачи. Отидовме кај сите лекари во градот, но немаше никакви резултати. Таа практично беше нема, и ние се помиривне со тоа. Еден ден, мислата ме натера, мојата ќерка да ја однесеме на гробот на старец Гавриил. Цело семејство отидовме во Самтавро, и на колена се помоливме пред гробот на старецот. Тогаш старецот не беше канонизиран.
Се помазавме со маслото од кандилото на старецот, а потоа, пополека се подготвувавме да се вратиме дома. Јас својата ќерка ја држев за рака. Одеднаш таа избега од моите раце, буквално како да се измолкна и тргна назад кон гробот на старец Гавриил. Таа се поклони на гробот, и на изненадување на сите зеде мала кајсија од таму. На гробот претходно немаше ништо. Таа стана, дојде кај мене и ми ја покажа кајсијата, обидувајќи се да каже нешто, како што таа умееше, преку „у-у-у“. Ние на сестрите им ја покажавме кајсијата, раскажувајќи им ја нашата мака, и ги замоливме да ни кажат што да правиме. Сестрите од Самтавро ни рекоа, дека оваа кајсија, старец Гавриил ја испраќа за Мариам, и најдобро е истата да ја изеде. Ние постапивме според советот од сестрите.
Мариам со апетит ја изеде кајсија, потоа повторно отидовме до гробот на старецот, се помоливме, и по некое време се упативме кон портите на манастирот, влеговме во автомобилот и тргнавме да се враќаме дома. После десет минути, само што излеговме од градот Мцхета, од задното седиште јас го слушнав гласот на својата ќерка: „Тато, купи ми кифла!“ Посреќни луѓе, во тој момент од нас немаше, бидејќи мојата сакана ќерка, за првпат во животот изговори збор – прозбори. Јас го застанав автомобилот, и сите со стравопочит бевме потресени од чудото, кое се случи пред нашите очи. Слава Тебе Господи! Слава на Тебе, оче Гаврииле!