ПОКЛОНИЧКО ПАТУВАЊЕ НА КЕФАЛОНИЈА И ПЕЛОПОНЕЗ НА ГОСТИ КАЈ СВ.АПОСТОЛ АНДРЕЈ, СВ.ГЕРАСИМ КЕФАЛОНИСКИ, СВ.АЛЕКСЕЈ ЧОВЕК БОЖЈИ
13. август (сабота) СКОПЈЕ – БИТОЛА - КАЛАВРИТА
Состанок на групата во 15:45 часот на паркингот пред хотелот “Русија” во Скопје и заминување за Битола. Средба со останатите патници во 18:30ч. и патувањето продолжува кон Грција, преку граничниот премин Меџитлија-Ники. Ноќно возење со попатни паузи и одмори.
14.август (недела) ГОЛЕМАТА ЛАВРА - МЕГАЛУ СПИЛЕУ - ПАТРА
Во утринските часови, пристигнување во манастир Голема Лавра во близина на градчето Калаврита. Изграден е во 961 година од еден испосник на манастирот на Големата Лавра на Света Гора, но низ вековите доживува многу падови и промени, а денешниот изглед го добива после завршувањето на втората светска војна и во него освен многу други светињи, е главата на Св.Алексиј човек Божји.
Патувањето продолжува кон манастирот Панагиа Мегалу Спилеу, посветен на Пресвета Богородица кај големата спила. Тој е најстариот грчки манастир (изграден во 362 г.), кој се наоѓа во непосредна близина на големата пештера во која е пронајдена светата икона на Пресвета Богородица Мегалоспилјотиса, според преданието насликана од Св.апостол Лука. Поклонение пред светињите од манастирот. Потоа одиме во градот Патра, каде ја посетуваме една од најголемите цркви на Балканот, посветена на Св.апостол Андреј првоповикан и поклонение на неговите свети мошти и крстот на кој бил распнат, познат и како Андреев крст. Сместување во хотел и слободно време за прошетка. Ноќевање.
15.август (понеделник) ПАТРА - КЕФАЛОНИЈА
Во раните утрински часови, заминување кон пристаништето Килини од каде со траект се испловува кон островот Кефалонија. По пристигнувањето, посета на црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица во градот Маркопуло и учество на Светата Божествена Литургија. Потоа продолжуваме кон манастирот посветен на Св.Герасим Кефалониски, поклонение на неговите свети и чудотворни мошти и посета на манастирскиот комплекс. По вечерната богослужба, учествуваме во литијата со моштите на светителот. Краток одмор до сеноќното бдение (препорака e секој според своите можности, да земе учество во сеноќната богослужба). По завршувањето на сеноќното бдение, одмор и преспивање во кругот на манастирот на отворено слично како кај св.Василие Острошки. Затоа е пожелно секој да си земе топли прекривки - вреќа за спиење или ќебе за постилање и одмарање.
16.август (вторник) КЕФАЛОНИЈА - ПАТРА – МАКЕДОНИЈА
Во раните утрински часови, трансфер со автобусот до пристаништето Порос, а потоа заминување со траект од островот Кефалонија кон пристаништето Килини на Пелопонез. Патувањето продолжува преку градот Патра кон Македонија. Попатни паузи и одмори, до пристигнување во Битола и Скопје во вечерните часови.
Цена на аранжманот:
7300 мкд
(Можност за плаќање на 2 месечни рати)
Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:
- Превоз со туристички автобус на наведената релација
- Превоз со траект на релација: Килини - Кефалонија – Килини
- Сместување во хотел во градот Патра на база 1 ноќевање
- Организирани посети според програмата, во придружба на духовно лице (теолог или вероучител)
- Водич и пратител на групата
- Патничко осигурување – освен за патници над 65 год. ( информации во агенцијата )
- Организација и реализација на патувањето
Во цената на аранжманот не е вклучено:
• Патничко осигурување за лица над 65 год.
• Индивидуални трошоци
• Напомена: За реализација на турата потребни се минимум 40 патници
• Неспоменати индивидуални трошоци за време на посетите, според лични потреби.
- Агенцијата има право за промена на програмата во однос на моменталната состојба
СВ. АПОСТОЛ АНДРЕЈ ПРВОПОВИКАН
Син на Јона и брат на Петар, родум од Витсаида, рибар по занимање. Најпрво му беше ученик на свети Јован Крстител, но кога свети Јован покажа со прст на Господ Исус велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован 1, 36), тогаш Андреј го остави својот прв учител и тргна по Исуса. Потоа го приведе кон Господа и својот брат Петар. По слегувањето на Светиот Дух, на овој прв апостол Христов му падна во дел да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, a потоа во земјите Дунавски, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез, каде што и пострада. Во Византија постави прв епископ во лицето на свети Стахиј; во Киев забоде крст на една височина и прорече блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез приведе во верата мноштво народ и им постави епископи и свештеници. Во градот Патра изврши многу чуда со името на Христа и придоби многумина за Господа, меѓу кои беа братот и жената на царскиот намесник Егеат. Разјарен заради ова, Егеат го подложи светиот Андреј на маки, а потоа го распна на крст. Додека беше жив на крстот, апостолот им кажуваше корисни поуки на христијаните што се беа собрале околу неговиот крст. Народот сакаше да го симне од крстот, но тој се спротивстави на тоа. Најпосле, апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблесна целиот. Тоа светло озарување траеше околу половина час, а кога исчезна, апостолот Му ја предаде својата душа на Господ. Така го заврши својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го позна Господа и тргна по Него. Пострада за својот Господ во 62 година. Неговите мошти беа пренесени во Цариград. Подоцна главата му ја пренесоа во Рим, а едната рака во Москва.
СВ. АЛЕКСЕЈ, ЧОВЕК БОЖЈИ
Различни се патиштата по коишто Бог ги води оние што сакаат да Му угодат и да го исполнат Неговиот закон. Во времето на царот Онориј, во Рим живееше високиот царски достоинственик Ефтимијан, многу угледен и многу богат. Тој и жена му Аглаида животот го минуваа богоугодно. Иако беше богат, Ефтимијан само еднаш дневно седнуваше на трпеза, и тоа по залезот на сонцето. Имаа син единец, Алексеј, кој кога порасна го принудија да се ожени. Но, ноќта по свадбата тој не само што ги остави жената и домот на својот татко туку седна на кораб и отиде во градот Едеса во Месопотамија, каде што беше прочуениот лик на Господ Исус, испратен од Самиот Господ за царот Авгар. Откако му се поклони на овој лик Алексеј се облече во руво на просјак и како таков живееше во тој град полни седумнаесет години, непрестано молејќи Го Бога во припратата на црквата на Пресвета Богородица. Кога таму се прочу како богоугодник, тој се уплаши од човечката слава и замина, седна на кораб што оди за Лаодикија, но по Божја Промисла коработ беше носен и доплови дури до Рим. Сметајќи го ова за прст Божји, Алексеј смисли да отиде во домот на својот татко и таму како непознат да го продолжи својот подвиг. Татко му не го препозна, а од милосрдие му дозволи да живее во една визба во неговиот двор. Овде Алексеј помина уште седумнаесет години, живеејќи само на леб и вода. Слугите го малтретираа на разни начини, а тој претрпе сè. А кога му се приближи крајот, напиша една хартија, ја стегна во рацете, легна и издивна, на 17 март 411 година. Тогаш во црквата на Светите апостоли имаше во присуство на царот и патријархот откровение во вид на глас кој рече: „Побарајте го човекот Божји“. Малку по ова се откри дека тој човек Божји е во куќата на Ефтимијан и по долго распрашување дознаа дека Божјиот човек е оној просјак. Кога влегоа го најдоа мртов во неговата визба, а неговото лице блескаше како сонце. Од онаа хартија неговите родители дознаа дека е тоа нивниот син Алексеј, а невестата којашто триесет и четири години живееше без него го виде нејзиниот маж, па сите ги обзеде неизмерна тага. По ова сепак се утешија гледајќи дека Бог го прослави Својот угодник. Од допирот на неговото тело се лекуваа многубројни болни, а од телото му потече благоухано миро. Го погребаа во ковчег од мермер и смарагд. Неговата глава се наоѓа во Светата Лавра на Пелопонез.
СВ.ГЕРАСИМ КЕФАЛОНИСКИ
Преподобен свети Герасим Кефалонски (грчки: Άγιος Γεράσιμος) е светител-покровител и заштитник на островот Кефалонија во Грција .
Герасимос (1506–1579) потекнува од аристократското и богато семејство Нотарис . Тој бил замонашен на Света Гора , отишол во Ерусалим 12 години, поминал извесно време на Крит и Закинтос и во 1555 година пристигнал на Кефалонија. Своите први 5 години ги поминал во пештера во областа позната како Ласи . Потоа се подвизувал во областа каде што сега постои манастирот Свети Герасим кај Валсамата . Манастирот што го основал се грижел за духовно и телесно болните, како и за сиромашните и станал центар за духовна преобразба и преродба..
Телото на Свети Герасим е во манастирот и е цело, нетрулежно и чудотворно.
За време на празниците на Св. Герасим – 16 август и 20 октомври (пренос на неговите мошти) – се прави литија со неговото чудотворно тело, кога со моштите се поминува над болни лица за да ги исцели.